Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска ќе се одбележат 80 години од смртта на Кирил Прличев

Охрид, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со пригодна свеченост денеска ќе биде одбележана 80 годишнината од смртта на Кирил Григоров Прличев, син на Григор Ставрев Прличев и Анастасија Узунова.

Програмата ќе започне во 11:00 часот со историски час за ликот и делото на Кирил Прличев, а ќе говори м-р Михаил Патчев, професор по историја. Ќе следи културно-уметничка програма, како и едукативен час и разгледување на изложбата „Лица на револуцијата“ од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски од страна на учениците од општинските основни и средни училишта.

Свеченостите за одбележување на годишнината ќе се одржат во Спомен куќата на Христо Узунов.

Кирил Прличев од неговиот татко ја наследил љубовта кон пишаниот збор, но за македонската самобитност се борел и активно. Покрај што бил книжевник, учител и општественик, бил и активен учесник во Илинденското востание во четата на Христо Чернопеев. За време на Втората светска војна беше директор на Музејот во Охрид.

Роден е во Охрид на 1. март 1875 година.

Кој бил Кирил Прличев

Револуционерот Кирил Прличев со македонството се задоил уште од мали денови при разговорите и слушањето на народните преданија кои му ги раскажувал неговиот татко – големиот Григор Прличев. Од него слушнал за тоа дека гробот на Св. Климент Охридски се наоѓа на Плаошник, некаде во близина на Самоиловата тврдина. Тогаш, во 1943 година, заедно со професорот Димче Коцо, тргнале во истражувањата по кои ги откриле темелите на свети Климентовата црква и го пронашле гробот на Св. Климент Охридски на Плаошник.

Но, не е само ова со што Кирил Прличев, роден на 1 март 1875 година во Охрид, ја задолжил Македонија. Осумдесет години по неговата смрт на денешен ден, на 9 февруари 1944 година, тој е запаметен и по тоа што бил голем македонски патриот, македонски револуционер, публицист, журналист, идеолог и интелекуалец кој не се колебал јавно да ги соопштува и да ги брани своите ставови.

Кирил Прличев израснал во патриотска и револуционерна фамилија. Но, на него посебно влијаел неговиот татко од кого постојано бил потикнуван да чита книги најчесто со револуционерна и родољубива содржина. Во 1895 година Кирил Прличев се приклучил кон Врховниот Македонски Одрински Револуционерен Комитет ВМОРК, преку кој се подготвувале вооружени акции против турската власт. Во овај период во ВМОРК бил и Јане Сандански, Славчо Ковачев и други познати револуционери.

Кирил Прличев во 1895 година бил егзархиски учител во Воден. Во редовите на МРО влегува и е “покрстен” во Солун, од страна на македонските корифеи Дамјан Груев и Гоце Делчев. Во 1896 Кирил Прличев ја формира револуционерната мрежа во Воден, каде што под негова дејност и афторитет се формираат: градски, селски и околиски комитети. Посебно својата дејност во Воденско ја носочил во борбата против грчката пропаганда.

Во 1896 година Прличев учествува на Солунскиот конгрес. Го презел раководењето на Централниот комитет во 1901 во Солун по затварањето на Иван Гарванов. Учесник е во Илинденското востание, како војвода во четите раководени од Христо Чернопеев.

По донесената одлука за кревање на востание на јануарскиот конгрес 1903 година Кирил Прличев се вклучува во подготвките за востание. И покрај тоа што се разочарал од трагичниот крај на Илинденското востание, Кирил Прличев продолжува да го шири револуционерниот дух меѓу македонското население.

Кирил Прличев за време на Младотурската револуција се вклучува во редовите на десно-конзервативната струја на ВМРО предводена од Христо Матов и Тодор Александров, која се борела за Автономија на Македонија и бескомпромисна борба се до целосно протерување на Турците од Македонија. Христо Матов во своите спомени го опишува Кирил Прличев како доследен идеалист, окарактеризиран како деец со големи стратешки способности и револуционер целосно посветен на македонското ослободително дело.

Во виорот на Блаканските војни Кирил Прличев пишувал постојано против грчката пропаганда предвиувајќи дека на Македонија и се заканува поделба од соседните балкански држави потенцирајќи го хегемонизмот и иредентизмот на Србија, Грција и Бугарија кон Македонја.

Кирил Прличев во 1923 година во Софија заедно со професорот Љубомир Милетич, Ефтим Спространов, Наум Томалевски, Александар Балабанов и други македонски интелектуалци учесвува во основањето на Македонскиот научен институт. Кога по убиството на Тодор Александров дошло до разединување во редовите на ВМРО и поделбата на крилата на двајцата членови на ЦК Иван Михајлов и Александар Протогеров, по убиството на Протогеров во 1928 година, Кирил Прличев постојано ги повикува двете разединети струи на помирување и повторно обединување во интерес на македонското револуционерно движење. Како што наведува и самиот Прличев во своите спомени “во интерес на македонското ослободително дело е да се спречат меѓусебните крвопролевања”. Но, Иван Ванчо Михалов тоа не го прифаќа.

Кон средината на февруари 1930 година Кирил Прличев и Ѓорги Поп Христов се приведени од агенти на бугарската полиција кои биле блиски до Иван Михајлов, Прличев и Поп Христов биле принудени да поптпишат една декларација со која ќе потврдат дека се повлекуваат до редовите на ВМРО. Во таква констелација на односите Кирил Прличев и Ѓорги Поп Христов се принудени од бугарската полиција и власт да се повлечат од редовите на ВМРО. Кирил Прличев одбил да се потпише поради недостојната содржина и го одбил овој притисок на бугарската власт. По неговото ослободување Прличев сам се повлекол од движењето.

Починал во Охрид, а вечно почива заедно со неговиот татко Григор во гробот што се наоѓа кај црквата Св. Богородица- Перивлепта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука