Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Османи: Граѓаните затекнати во странство по 12.февруари со стари патни исправи, ќе можат да се вратат со патен лист

Скопје, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните кои што се затекнати во странство по 12. февруари а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва, информира на денешниот брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Османи кажа дека нема простор за паника кај граѓаните, ДКП-ата ќе работат во две смени и сабота и недела, додавајќи дека најголем наплив за барања на патни листови има во Германија.

– Таму има и две нови мобилни станици за издавање патни исправи. Најголем е напливот во Бон, каде се издадени над 6000 патни листови. Потоа во Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Рим и Љубљана, рече Османи.

Османи кажа дека во државите каде немаме ДКП-а, односно во Африка каде што има само во Каиро, се работи на е-конзулат и патните листови ќе бидат праќани по пошта.

На 12.февруари истекува транзициониот рок од Преспанскиот договор, член 6. Османи вели дека има јасна политичка волја и од Македонија и од Грција за продолжување со целосна имплементација на договорот од Преспа. (Крај)

извор: ТВ24 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука