Охрид, 9. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Шест охридски претставници во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од 2020 до 2023 година, заедно во името на патните трошоци украле народни 3.788.220.00 денари за патување на релација Охрид-Скопје, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.
– На врвот од листата охридски пратеници на кои им е исплатен патен надоместок кој изнесува речиси милион денари се наоѓаат Александар Николовски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Жаклина Лазаревска од СДСМ, која и покрај тоа што потрошила речиси милион денари за патувања, поседува и два стана во Скопје. По нив доаѓа Лидија Петкоска од ВМРО-ДПМНЕ која потрошила 891,973 денари и Лазе Таневски од СДСМ и покрај тоа што поседува два стана во Скопје, потрошил 788,675 денари. Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ од 2020 до 2021 потрошил 151,880 денари, а за Грација Бакраческа достапни се податоци дека во 2021 потрошила 4.856 денари за патни трошоци. Сакаме да ги потсетиме пратениците кои се изгласани од охриѓани дека и редовниот автобуски превоз може да биде доволно комфорен за да стигнат до своето работно место – во парламентот, наместо да патуваат со приватни шофери и луксузни автомобили. Пратениците од Левица потрошиле нула денари за патни трошоци, потенцираат од партијата.
Потсетуваат дека во 2021 година од страна на СДСМ и ДУИ беше одбиена точката за законски измени предложена од Левица да биде ставена на дневен ред, односно од вкупно 108 пратеници, 89 гласаа „против“, што значи не беше изгласан Предлог на Законот од Левица за укинување на патните трошоци на пратениците (кои сега имаат плати над 100.000 денари) и кратење на противуставното т.н. право на апанажа на пратениците од Собраните на Република Македонија.
– На овој начин СДС и ДУИ бесрамно го ограбуваат и така осиромашениот народ. Политичката партија Левица и понатаму ќе има за цел да ги намали овие трошоци, а пратениците од Левица се единствените кои преку личен пример ја застапуваат целта да се укинат патните надоместоци и апанажата, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес