Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Како да ги препознаете симптомите на голема кашлица

Скопје/Охрид, 10. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Последните случаи на голема кашлица во државата, со кои вкупниот број на заболени од пертусис се искачи на 26, го запалија алармот кај родителите кои ги носат децата во вакциналните пунктови.

Ова е и поради препораката, невакцинираните деца да не се примаат во градинка. Ова не важи за училишните деца. Најголем дел се оние деца кои не ја примиле ревакцината на ДТПР на 18 месеци.

Како да ги препознаете симптомите

Оваа инфекција на респираторниот систем се карактеризира со напади на кашлање кои обично завршуваат со продолжено, отежнато, рапаво дишење. Притоа се создава густ секрет, кој пациентот не може да го исфрли, па тешко доаѓа до воздух. Повраќањето предизвикано од нападите на кашлање може да доведе до дехидрација, а исто така е важен индикатор за дијагностицирање на болеста кај адолесцентите и возрасните.
Новороденчињата и бебињата најчесто немаат класични напади на кашлање, туку одеднаш престануваат да дишат, омлитавуваат, дури може да добијат и конвулзии, по што дишењето се нормализира.

Болеста обично започнува постепено, благо и наликува на настинка. Она што ве тера да се посомневате дека се работи за голема кашлица е кашлица која се влошува, а температурата воглавно не е покачена. Со текот на времето, кашлицата се интензивира, особено ноќе, а на пациентите им станува сè потешко да дишат за време на нападите. Новороденчињата и бебињата најчесто немаат класични напади на кашлање, туку одеднаш престануваат да дишат, посинуваат, омлитавуваат, дури може да добијат и конвулзии, по што дишењето се нормализира. Ризикот од заболување и компликации е најголем кај новороденчињата/доенчињата и кај невакцинираните деца. Кај бебињата под шестмесечна возраст, големата кашлица често има сериозни компликации, вклучувајќи сериозна пневмонија и апнеи (пократки или подолги застои во дишењето). Најчеста компликација кај малите деца е пневмонијата.

Ако имате голема кашлица, вие сте заразни од околу 6 дена по почетокот на симптомите слични на настинка до 3 недели откако ќе започне кашлањето. Ако започнете со антибиотици во рок од 3 недели од почетокот на кашлањето, тоа ќе го намали времето на заразност. Заболените се многу заразни во почетната фаза на болеста, во првите две недели, кога симптомите се уште не наликуваат на голема кашлица и таа непречено се шири.

Болеста е особено тешка и ризична за најмладите и затоа вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од пертусис. Имунитетот после вакцинацијата трае најмногу 12 години, но доколку вакцинираното лице се разболи, симптомите се многу поблаги и поретко се јавуваат компликации.

Лекарите апелираат на совесност, населението да не ја игнорира вакцинацијата која е најдобра заштита против ова заболување. (Крај)

извор: pedijatar.mk/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука