Охрид/Струга, 14. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS преку допис до медиумите потенцираат дека во исто време кога Охридското Езеро е прогласено за заштитено подрачје, во Радожда продолжува узурпацијата на езерскиот брег.
– Министерство за животна средина и просторно планирање вчера објави дека Влада на Република Македонија го усвои текстот на предлог Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во Категорија III – Споменик на природата и истиот ќе го достави во Собрание на Република Македонија за негово донесување. Во објавата се редеа неколку пасуси колку е Охридското Езеро значајно, што се овозможува со прогласувањето за споменик на природата, читателот ќе си рече дека се работи за посветени институции. Неодамна, на јавната расправа за Предлог-законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, претставничката на Министерство за култура рече дека се дискутира за значајно законско решение кое ќе има придонес врз зачување на статусот на светското наследство на Охридскиот Регион, стои во реакцијата.
Од Охрид SOS додаваат дека станува збор само за зборови, листови со отпечатени зборови и фрази, заложби, ветувања.
– А како е на дело? Споделените фотографии ја покажуваат моменталната состојба на терен, во само еден сегмент на охридското крајбрежје, кај Радожда. Резултатот на извонредната работа на институциите – општините, инспекциските служби, комисиите, министерствата, владата. Узурпација, уништување и присвојување на брегот. Додека се донесат сите закони и одредби, додека почнат да се применуваат, ќе ја снема исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион, поради која е прогласен за светско наследство. Корумпираноста на носителите на јавни функции, или нивната индиферентност, овозможува вакви девијации. Совесните жители на регионот реагираат, оние кои треба ова да го спречат замижуваат и дозволуваат, стои во дописот до медиумите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид SOS