ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Распишани изборите, Македонија во април и мај ќе избира претседател и пратеници во Собранието

Скопје, 14. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митрески ги потпиша решенијата со кои се распишуваат претседателските и парламентарните избори во 2024 година.

Седмите претседателски избори треба да се одржат на 24-ти април, а на 8-ми мај се закажани парламентарните избори, кога е и вториот круг на изборите за претседател на државата.

– Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија, рече Митрески.

Тој оцени дека земјата во последните изборни процеси покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи.

– Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува, рече Митрески.

Откако решението за изборите ќе биде објавено во Службен весник, треба да заседава Државната изборна комисија која ќе усвои роковници со што и официјално ќе почнат да течат изборните дејствија.

Според Изборниот законик, решенијата за распишување на изборите, ќе бидат доставени до Државната изборна комисија (ДИК). Кампањата за претседателските избори се очекува да започне на почетокот на април и неколку дена да се совпадне со кампањата за парламентарните избори. Во овој период не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции.

Законски ограничувања

Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денеска до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот.

Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања се до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се одржуваат јавни настани за изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период. (Крај)

извор: DW фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука