Охрид, 16. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започна имплементацијата на проектот „Зелена младина – Зелена иднина“ на Клубот за нуркање Akvatek од Охрид, кој има за цел да го зголеми нивото на еколошка свест кај младата популација како целна група, конкретно поврзано со постојаниот проблем – цврст отпад во водите на Охридското Езеро.
Проектот се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP MK), а е кофинансиран од Општина Охрид. Преку низа активности ќе се унапредуваат еколошките сознанија кај младите и ќе се поттикнува нивно учество во еколошки акции, настани и иницијативи.
– Проектните активности треба да доведат до долгорочни придобивки за локалната заедница и да резултираат со еколошки освестена младина која делува во насока на зачувување на природното наследство и биодиверзитетот. Видеото е дел од фото/видео материјалот создаден во текот на нуркањата во изминатиот период, како дел од активностите од овој проект. На кратко се презентира проблемот со кој се соочуваме и вредноста на Охридското Езеро за која треба да се менуваме, потенцираат организаторите.
Од 12-ти до 16-ти февруари 2024 година се одржа дел за едукација на најмладите во основните училишта. Учениците од централното училиште OОУ „Григор Прличев“ од Охрид, од 4-то одделение и од подрачното, истоимено училиште во населбата Рача, од 4-то и 5-то одделение, во серија од 5 едукативни работилници/презентации се информираа за проблемот со цврст отпад во Охридското Езеро.
– Учениците ги надградија своите знаења за тоа како настанува тој проблем и на кој начин предизвикува штета. Се нагласија клучни пораки за значењето за зачувување на Охридското Езеро и добија насоки за усвојување зелени навики и практики. Преку еко-крстозбори, едукативни прашалници и квизови, на креативен начин ги потврдија стекнатите знаењата, потенцираат од Akvatek. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива