Струга, 16. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Собранието на Република Македонија, Јован Митревски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска беа во работна посета на општина Струга, каде извршија увид во реконструкција на локалниот пат во н.м. Мороишта.
Реконструкцијата на овој локален пат е дел од „Проектот за поврзување со локални улици и патишта”, кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски и преку кој се овозможува директна поддршка на локалните самоуправи во вкупна вредност од 70 милиони евра за реконструкција на локални улици и патишта во општините.
– Драго ми е што сме денеска тука со претседателот на Собранието, Митревски, да извршиме увид во реконструкцијата на овој многу значаен локален пат за жителите на Мороишта, проект од голем приоритет со кој ги подобруваме условите за живеење и го подигнуваме нивото на безбедност во ова населено место. Финансиската поддршка која ја даваме преку Министерството за реконструкцијата на овој локален пат е во вредност од преку 46 милиони денари, а градежните работи се во завршна фаза. Продолжува нашата силна поддршка кон локалните самоуправи за подобрување на локалната патна мрежа во општините, изјави министерот Бочварски.
Претседателот на Собранието, Митревски, истакна дека поддршката од централната власт обезбедува директен бенефит за граѓаните во сите општини преку реализација на вакви проекти од локално значење.
– Општина Струга добива голема поддршка со обезбедувањето на овие неповратни средства од централната власт за модернизација на локалните улици и патишта во општината. Овој локален пат беше барање на жителите и еве денеска сме тука да покажеме дека тоа што го ветуваме, тоа и го реализираме, жителите на Мороишта добиваат нов, комплетно реконстуриран локален пат. Нашата грижа ја покажуваме во континуитет изминатите години, буквално вакви проекти се реализираат во секоја општина, сите граѓани ни се подеднакво важни, изјави претседателот на Собранието, Митревски.
Министерството за транспорт и врски до сега преку овој Проект реконструираше преку 180 локални улици и патишта, а во наредните неколку месеци ќе бидат распишани јавни повици за реконструкција на уште 70 локални улици и патишта во општините. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива