февруари 16, 2024

Бања Лука/Охрид, 16. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Концертната сала на Бански двор, културниот центар на Бања Лука, Република Српска, во петок, на 23-ти февруари 2024 година ќе се одржи концерт на македонската џез група Дамјан Пејчиноски квинтет.

Овој реномиран џез квинтет го сочинуваат искусни музичари: Дамјан Пејчиноски – гитара, Горан Ѓешовски – бас гитара, Дино Милосављевиќ – тапани, Гордан Спасовски – клавијатури и Зоран Јагоридовски – перкусии.

Дамјан Пејчиноски (25.10.1984 година, Охрид) е македонски гитарист и еден од најистакнатите гитаристи на својата генерација. Тој свири електрична и акустична гитара и е специјализиран за многу музички стилови, како што се џипси џез, џез фјужн, блуз, рок, кантри и традиционална музика. Гитара почнал да свири на шест години, а вистински интерес за овој инструмент покажал на 14 години. По завршувањето на основното и средното образование во родниот Охрид, каде што живее и денес, ја посетува Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија (2003), и Новиот бугарски универзитет (НБУ), на студии од областа на џезот. Таму ги завршил магистерските студии. За време на долгогодишната работа посветена на музиката, Пејчиноски беше наградуван со бројни награди. Во јуни 2009 година, тој беше во финалето на светскиот натпревар „Гитар идол“, кој се одржа во Лондон. Во 2010 година, тој освои награди на два меѓународни натпревари „Shred This Too“ (online натпревар) и „Ziua Chitarelor“ во Романија (натпревар во живо). Во мај истата година, тој ја претставуваше својата земја на Изборот за песна на Евровизија како член на натпреварувачкиот тим во Осло, а во април 2013 година настапи во Минск како солист во претседателскиот оркестар на Белорусија.

Предавал во многу музички училишта, меѓу кои и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде бил раководител на Катедрата за гитара. Во јули 2017 година одржа четири концерти во Кина со „Џипси Џез трио“, каде што доби награда за извонреден настап од градоначалникот на градот Лангжу. Неговите концерти, концертни турнеи и мастеркласи предавања се одржувале ширум светот – во Австралија, Кина, САД, Србија, Хрватска, Унгарија, Бугарија, Романија, Македонија и други земји.

Настапуваше и ја делеше сцената со имиња како Џенифер Батен (гитарист од бендот на Мајкл Џексон), Сту Хам (од бендот на Џо Сатријани), Мајкл Ли Фиркинс, Андреас Оберг и други. Тој е на листата на 200 најголеми рок гитаристи на expertscolumn.com.

За него рекоа:

„Дамјан е веројатно најдобриот нов гитарист што сум го слушнал. Неговата техника е извонредна, а игра со голема самодоверба и зрелост. Таа дефинитивно е една од новите, млади ѕвезди во подем.“ (Мајкл Батио)

„Дамјан не воодушеви. Тој е природно талентиран и има развиено одлична техника на гитарата. Со нетрпение ја очекувам неговата музика и во иднина.“ (Енди Тимонс) (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука