ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Жители на улицата „АСНОМ“ најавија тужба против Општина Охрид во Стразбур: Живееме надвор од цивилизацијата (Фото)

Охрид, 18. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата на нашата улица е драматична и го отсликува нашето секојдневие во Охрид, градот на УНЕСКО, најпозната туристичка дестинација во Македонија и Ерусалим на Балканот! Улицата е неасфалтирана, со големи дупки и без јавно осветлување. Ова предизвикува сериозни безбедносни проблеми и прави да се чувствуваме како граѓани од втор ред во нашиот град!

Ова стои во дописот до редакцијата на OhridPress на група станари на улицата „АСНОМ“ во Охрид кои велат дека целта им е да алармираат и привлечат внимание, и апелираат, пред сè на професионалната, но и човечката одговорност на одговорните во Општина Охрид.

– Нашата цел е да ги обезбедиме основните права за цивилизирано општествено живеење, особено во 21-ви век, во Охрид, најпосетениот град во Македонија, речиси во Центарот на градот – населба „Беј Бунар“, стои во дописот кој го пренесуваме во целост.

– Прикажаните слики се секојдневна реалност за жителите на улица „АСНОМ“, позната како „писта“ (од „Охридија“ до хотел „Интернационал“). Имено, нејзината состојба е темна и безнадежна – неасфалтирана, полна со дупки, бари, неосветлена од јавно осветлување, туку со наше од зградите, илегален паркинг за туристи и наркомани во летниот период, собиралиште на незгрижени кучиња до неодамна, и главна артерија за ископана земја и градежен шут за секоја градежна активност во населба „Бејбунар“. Сардисани од сите страни, веќе две и пол години интензивно, а и подолго со помал интензитет, нашите домови се наоѓаат во епицентарот на градежната активност. Иако ја сфаќаме неизбежноста на планската градежна дејност, условите за живеење се далеку од прифатливи. Имено, ние се чувствуваме како граѓани од втор ред во сопствениот град заради следните причини:

Проблеми со Пристапот – Затворени Влезови од сите страни и Опасни Зони: Влезот од кај „Охридија“, што би требало да биде влез до нашите домови, сега стана недостапен и за возачи и за пешаци заради градежни активности. Последниот додаток во нашата колекција на апсурди е големата дупка ископана преку ноќ зад зградата во која е „Виа Фарм“, која во апсолутната темнина, стана сериозна опасност за секој пешак.
Хаос во сообраќајот – трка на камиони. Возачите на камиони, слично на тркачи, ја претворија асфалтираната улица во тркалиште што предизвикува сериозни безбедносни предизвици за нас и нашите деца.

Бучава и неподнослива атмосфера за живеење: Од рано утро до касно ноќе, населбата е исполнета со врева од механизација, викање на мајстори и неподнослива атмосфера за живеење. Кратерите, механизацијата, цевките, шутот и калта што се наоѓаат на секој чекор, го прават влегувањето во домовите вистински предизвик!!! Секојдневно се соочуваме со нечистотија, кал и хаос… Автомобилите, обувките и панталоните на сите ни се нечисти при секое влегување дома зошто нели подрачјето наликува на градилиште од 18 век, а не 21 век. Колите ни се постојано валкани и еве еден пример: Апсурдна Анегдота: Амортизирани Возила: Од Сервис до Смешни Претпоставки – Најновите анегдоти од нашата елитна населба ни ги прикажуваат возилата како верни сведоци на нашиот дневен апсурд. Нашите автомобили секојдневно се изложени на прашина и кал, а механичарот од сервис на еден од станарите, стана учесник во нашите комични приказни. Предложи смена на делови од автомобилот поради „континуираната изложеност на кал и прашина како што е во сите села“. Претпоставката дека сме од село поради состојбата на нашите возила не е само комична туку и одраз на тоа колку е нашата населба елитна, каква што сите сакаат да ја прикажат!!!

Овие апсурдни анегдоти се само дел од нашата реалност во „Беј Бунар“, каде што живеењето стана комедија од секојдневни предизвици.

Како станари во трите згради што се наоѓаат во близина на улицата, повеќепати се обидовме да контактираме со градоначалникот на Општината, г-дин Пецаков, но и претходниот г-дин Георгиевски, но не добивме никаква одговорна реакција.

Оваа состојба со неасфалтираната улица трае повеќе од 10 години, што значи целиот период од населувањето. Сакаме да напоменеме дека, пред 8 години, инвеститорите ги подмириле комуналните давачки кон Општината при населувањето, но Општината не ги исполнила своите обврски.

Со оглед на долгогодишната состојба и со сите трошоци што се подмирени, како станари сме приморани да поднесеме тужба против Општината во Стразбур. Ние не само што бараме права за уредување на улицата, туку и бараме одштета поради нарушено човечко достоинство и право на цивилизирано живеење. Одштета бараме и поради забрзано амортизирање на нашите возила. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука