Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Стрелци на ЖСК „Лихнидос“ со неколку први места на стартот на Куп натпреварите со воздушно оружје

Битола/Охрид, 19. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – ЖСК „Лихнидос“ по жетва на првите места на стартот на Куп натпреварите со воздушно оружје-меѓународна програма во организација на Македонската спортска стрелачка федерација.

Викендов на стрелиштето во поранешната касарна во Битола, се одржа првиот Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма, на кој учествуваа околу 80-тина стрелци од сите клубови во државата.

Одличен старт за Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ која со свој личен рекорд и резултат од 544 кругови се пласира на првата позиција во јуниорска категорија на пиштол. Во истата дисциплина нејзиниот клупски другар Климент Мостро, исто така со свој личен рекорд од 543 круга се пласира на првата позиција во јуниорска категорија на пиштол. Во истата дисциплина Стефанија Велјаноска од СК „Охрид“ се пласира на четвртата позиција со резултат од 524 круга додека пак нејзиниот клупски другар Иван Милевски со резултат од 536 круга се пласира на третата позиција.

Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ во дисциплината пиштол се пласира на шестата позиција со резултат од 512 круга. Милица Кочовска која пред неполни три месеци стана членка на нашиот клуб, имаше свој дебитантски настап со кој ветува дека во иднина клубот може сериозно да смета на нејзините спортски вредности. Кај сениорите на пиштол повторно камбек на нашиот најдобар стрелец Ванчо Каранфилов кој по принудна пауза од една година, повторно заблеска на првата позиција со резултат од 544 кругови.

Во истата категорија, Велибор Балоски се пласира на 4-та позиција со резултат од 528 кругови, додека Даниел Михајловиќ заврши како шесто пласиран со резултат од 503 кругови. Во истата дисциплина кај сениорките Валентина Гоџоска од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 4-та позиција.
Кај јуниорите на пушка Кристијан Балоски од СК „Охрид“ со резултат од 590,7 кругови се пласира на 3-тата позиција, додека пак Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 577,4 кругови се пласира на 7-та позиција.

Со нешто послаби но константни резултати, јуниорките на пушка Теодора Спироска, Ана Танеска, Драгана Локоска и Верица Здравеска се пласираа на 9-тата, 12-тата, 13-тата, односно 15-тата позиција. Кај сениорките на пушка, Ива Маленко иако со огромен пад во резултот со 573,5 круга се пласира на вицешампионската позиција.

Охридските стрелци изаразија пофалба што за првпат на овој натпревар, сите учесници се натпреварувале на електронски мети, што не било пракса во минатото.

Нашите стрелци со своите матични тренери во периодот што претстои ќе се подготвуваат за Државно првенство што треба да се одржи за еден месец на стрелиштето во Битола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука