Скопје, 20. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонија како туристичка дестинација со сите природни богатства, културно и историско наследство има огромен потенцијал и можности. Но, како сектор и како општество не треба да застанеме кај потенцијалот, треба системска грижа, вложувања и инвестиции за развој на туризмот, истакна директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Јасмина Лескаровска на гостување во утринската програма на ТВ Телма.
Потенцира дека туризмот во државава треба да биде приоритетна гранка која ќе обезбеди економски раст, зајакнување на локалните заедници и создавање на повеќе претприемачи. Треба силно да се заложиме бидејќи во изминатиот период многу малку се направи дома, мора да обезбедиме подобри услови. Растот на бројот на туристи и ноќевања се должи на светските трендови и заложбите на приватниот сектор. Треба да се развиваме во насока на одржливи зелени дестинации.
– Балканот како туристичка дестинација го врати своето место на светската мапа како пред 30 години, тоа значи дека трендовите и концептите на патување се менуваат. Туристите бараат алтернативни форми на туризам, зелени дестинации и автентично искуство со локалната заедница, патувачи кои ја почитуваат културата на живеење, вели Лескаровска.
Додава дека недостатоците значат предизвици кои мора да ги исполниме, а тоа е создавање на стратегија за туризам, систем за одржливо и одговорно патување, зајакнување на капацитетите, развој на човечки ресурси, менување на законски легислативи, создавање на тристички продукти. (Крај)
извор: ОхридПрес/АППТ фото: архива