ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Вонреден инспекциски надзор од Струга кон Радожда, констатирани градежни активности

Струга, 21. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градежни активности изведени од камен за оградување на парцели меѓу Охридското Езеро и патот село Радожда-Струга констатирале инспекторите при вчерашниот вонреден надзор.

По добиена пријава од граѓанската иницијатива Охрид SOS дека на охридското крајбрежје на потегот од Струга кон Радожда се изведуваат градежни активности, Државниот инспекторат за животна средина денеска соопшти дека на терен излегле виш инспектор за заштита на природата, државниот инспектор за животна средина од канцеларија Охрид и овластени инспектори од општина Струга за животна средина и градежништво, како и инспектори од ОВР Струга.

– На едната локација имаше градежни активности за изградба на ѕид најверојатно од бетон за што имаше поставено шаловани оплати, кои не беа во езерото. На лице место немаше присутни лица, кои ги изведуваат градежните активности, исто така немаше градежна механизација, стои во информацијата на Државниот инспекторат за животна средина.

Постапката, како што наведуваат, треба да продолжи од Општина Струга, согласно законските овластувања.

– Општина Струга е одговорна за одржување, чување, почитување и правилно користење на природното и културното наследство, како и за преземање мерки за правилно користење на светското природно наследство согласно Законот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион, појаснуваат од Инспекторатот.

На истата локација на охридското крајбрежје на потегот кон селото Радожда, Државниот инспекторат за животна средина постапувал и претходно во текот на годинава при што била покрената кривична постапка со доставено барање до ОЈО Струга.

Кривична пријава до ОЈО Струга била доставена и претходно за идентичната локација. (Крај)

извор: МИА фото: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука