Охрид, 21. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Тим од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, со својата мобилна апликација за детекција на отпад – TrashPinger, од 25-ти септември 2023 до 20-ти февруари 2024 година, учествуваа во програмата на RISE – програма за идни млади социјални и зелени претприемачи.
– Во конкуренција од 31 пријавен тим, нашиот тим во состав: Ана Спироска, Ана Атанасовска, Климент Маријаноски, Дарко Крлески и Александар Спасеновски, сите од III-3 клас, заедно со менторката Ирена Ралева- Најдевска, успеа да се пласира во најдобрите седум тима од цела држава. На 24.10.2023 година тимот успешно го помина интервјуто со жири-комисијата и успеа да се пласира понатаму. Од 4.11.2023 до 10.2.2024 година, тимот на TrashPinger учествуваше на 8 online работилници како и на 3 работилници со физичко присуство кои се одвиваа во Public room во Скопје со цел, доусовршување на својата идеја, сѐ до денешниов главен настан (финале), кој се одржа во просториите на Фондот за иновации во Скопје. Учениците имаа несекојдневна можност да ја претстават својата идеја пред стручното жири и иако беа единствен тим составен од средношколци, покажаа подготвеност и сериозност во својата намера за функционирање на апликацијата, така што своето училиште и градот Охрид воопшто, ги претставија во најдобро светло. Иако не успеаја да го освојат грантот од 3.000 евра, учениците и менторката имаа можност да стапат во контакт со многу претставници од бизнис заедницата, со преставници од невладини организации, стартапи, но и со амбасадорката Ирене Кетоф од Француската амбасада во Скопје, информираат од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
Додаваат дека ова петмесечно усовршување на нивната бизнис идеја им обезбеди членство во клубот на алумни на RISE – Regional Incubator for Social Entrepreneurs во кој членуваат 5.000 претставници од Западен Балкан. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива