февруари 22, 2024

Охрид, 22. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1878 година во Охрид е роден Христо Узунов.

По завршувањето на основното училиште во Охрид учел во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ (1894-1896).

Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев. Неговиот брат Ангел во своите „Спомени“ вели: „Христо се вратил од Солун посветен и покрстен од Дамјан Груев. Тој бил примен за член на Внатрешната македонска револуционерна организација, која веќе била создадена неколку години порано. Во едно кратко писменце до нашиот братучед Кирил Прличев, Дамјан Груев го известува дека Христо е веќе искапен во револуционерниот котел“. По завршувањето на школувањето бил назначен за учител во Охрид.

Христо Узунов или Дуле Узунов, е познат како македонски учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ.

Татко му Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунова потекнува од стариот струшки просветителски род Чакаров. Узунов, заедно со своите двајца помали браќа Андон и Ангел (исто така дејци на Македонската револуционерна организација), бил воспитуван од мајка си во патриотски дух.

Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. За време на Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско.

За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од селото Куратица, веднаш по трагичниот крај на Илинденското востание, на која им се обратил со зборовите: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ, знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене…“ По трагичниот крај на востанието Христо Узунов останал во Македонија.

На 24-ти април 1905 година Христо со својата чета од Крушево заминал за Кичевско, но во кичевското село Цер четата била опколена од многуброен турски аскер со артилерија. Бидејќи немале никаква помош, борците биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. За да не им паднат живи в раце на Турците, тој и неговите 13 соборци последните куршуми ги истрелале во себе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука