Скопје, 22. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – На ден пред почетокот на рокот за собирање потписи за претседателски кандидати и за пратеници, во период од еден час најголемите политички партии ги соопштија своите претседателски кандидати, кои треба да добијат поддршка на партиски конвенции на почетокот на март.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски доби поддршка од највисокото раководство на владејачката СДСМ за втор мандат, додека единствена кандидатка пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ е професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова. Пендаровски и Силјановска Давкова беа противкандидати и на минатите претседателски избори (прв круг на 21 април, втор круг на 5 мај) во 2019 година, кога во вториот круг победи актуелниот шеф на државата.
Од СДСМ вчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери, а на 3 – ти март ќе биде и официјалната промотивна конвенција.
-Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалиционен капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритерот и кредибилитетот на институцијата Претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на партијата за претседател на државата. За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател која ќе се одржи на 02 март 2024 година.
-Во врска со Јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес. На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
За кандидатот на ДУИ во јавноста се уште се типува, иако медиумите јавуваат дека кандидат за претседател на партијата би можело да биде актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи. Од ДУИ најавија дека денеска Али Ахмети ќе соопшти важна вест. Доцна синоќа Ахмети закажа прес-конференција во 13 часот во седиштето на партијата во Мала Речица.
Централниот одбор на ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски. Претходно, Европскиот сојуз за промени соопшти дека нивен кандидат ќе биде Арбен Таравари, претседател на едното крило на Алијанса за Албанците. Професорката Билјана Ванковска е кандидат за претседател на Левица, а потписи ќе собира и Вело Марковски, кој прв пред повеќе месеци најави кандидатура. Кандидатура за претседател се очекува денеска да објави и партијата ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Правилникот за собирање на потписи на ДИК е објавен на веб – страницата на Комисијата sec.mk, како и потребните документи.
– Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот, информира членот на ДИК Борис Кондарко на седницата пред неколку дена.
Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници, како што рече, се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар.
Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.
Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори. (Крај)
извор: Сител фото: архива