Белград/Охрид, 22. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Бројна делегација на туристички работници од Охрид и Струга се дел од 45. Меѓународен саем за туризам, на кој до 25-ти февруари се одржува во Белград, Република Србија.
Своите понуди ќе ги презентираат повеќе од 27 земји и околу 400 излагачи. Саемот, кој ќе биде отворен за посетители од утре, го отвори претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во присуство на министерот за туризам и млади на Србија, Хусеин Мемиќ и министерката за туризам на Грција, Олга Кефалојани, чија земја е партнер на годинешниот настан. На официјалното отворање присуствуваа министрите за туризам на Ангола, Црна Гора, Сао Томе и Принципе, Република Српска. Претседателот на Србија изјави дека минатата година Србија ја посетиле 2,1 милион странски туристи.
– За прв пат во историјата, бројот на странски гости во Србија го надмина бројот на домашни туристи. Србија минатата година беше прва дестинација во светот по раст на приходите од странски туристи во однос на 2019 година и изнесуваше 79 отсто, рече Вучиќ, повикувајќи се на податоци на Светската туристичка организација.
Тој изјави дека на ЕКСПО 2027 Србија ќе биде претставена како земја на иновации, модерни технологии и една од лидерите во вештачката интелигенција, во редот на земји со иста големина и економска сила.
– На саемот за туризам, чиј слоган оваа година е „Авантурата започнува овде“, за првпат ќе се претстават Камбоџа, Еквадор, Света Луција и Либија, а повратните земји кои повторно ќе учествуваат се Индонезија, Куба и Сао Томе и Принципе, информира агенцијата „Бета“. (Крај)
извор: Бета/Слободен печат фото: Musa Rasid