ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Почнува собирањето потписи за кандидати за претседател и за пратеници

Скопје/Охрид, 23. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК), рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува денеска и ќе трае до 8-ми март.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Кандидатите за претседател ги соопштија и ДУИ кои го предлагаат министерот за надворешни работи Бујар Османи и Движење ЗНАМ – За Наша Македонија кои ќе настапат со лидерот Максим Димитриевски. Претходно СДСМ објавија дека нивен кандидат ќе биде актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, партијата што ја предводи, професорката Билјана Ванковска на Левица, Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ. Својата независна кандатура за претседател во октомври, лани, прв ја најави Вело Марковски, иако е член на ВМРО-ДПМНЕ.

Собирањето потписи ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Постапката што почнува денеска трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 08:00 до 20:00 часот, додека последниот ден на 8-ми март ќе работат до 24 часот.

Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници се поведува со поднесување на известување и изјава до ДИК од страна на предложениот кандидат, односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19-ти март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.

Претседателските избори се закажани за 24-ти април, додека вториот круг од изборите е на 8-ми мај 2024 година кога треба да се одржат и парламентарните избори. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука