Скопје, 26. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со синоќа до 20:00 часот собрани се вкупно 24.830 потписи за 11 кандидати кои претендираат да се вклучат во претседателската трка, покажуваат податоците на Државната изборна комисија (ДИК).
Засега никој од кандидатите ги нема собрано потребните 10 илјади потписи, што се им се потребни на вонпарламентарните и партиите/коалициите кои имаат помалку од 30 пратеници во Собранието да може да предложат свој претседателски кандидат.
Досега најмногу потписи има собрано кандидатот на ДУИ, Бујар Османи (8.560 потписи), следува Максим Димитриевски од ЗНАМ со 5.923, кандидатката на Левица Билјана Ванковска Цветковска има 4.478, Стевчо Јакимовски од ГРОМ 3.091 и Арбен Таравари 1.645.
Од останатите кандидати, Мерсиха Смаиловиќ има собрано 523 потписи, независниот кандидат Вело Марковски 433, а ниту еден потпис не собрал кандидатот Томе Николоски.
Собирањето потписи започна во петокот, 23-ти февруари и ќе трае до 8. март. Потписи се собираат во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Подрачните одделенија ќе работат две смени, од 08:00 до 20:00 часот, додека последниот ден на 8. март ќе работат до 24:00 часот.
Претседателските избори се закажани за 24. април, додека вториот круг од изборите е на 8. мај, кога треба да се одржат и парламентарните избори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива