февруари 26, 2024

Стокхолм, 26. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со убавиот глас и техничките атрибути што ги поседува, Миланка Новеска заслужува оперска кариера, вели Џереми Карпентер, солист во Кралската шведска опера, Стокхолм и основач на Vocal Masterclass Stockholm.

Додава дека ја запознал на летен курс за вокален мастерклас во Стокхолм во 2022 година, а минатата година имал можност и да работи со неа.

– Лесно е да се работи со Миланка, брзо реагира на предлозите и насоките, точна е, учтива, секогаш добро подготвена, со желба да научи и е значаен член на секој ансамбл, вели Карпентер.

Инаку, Миланка деновиве во Прага го заврши проектот „Handel in Rome“. Заедно со Прашкиот конзерваториумски барокен оркестар таа се претстави со „Risorga il mondo“ од Георг Фридрих Хендл.

– Многу сум среќна што го заклучувам проектот предводен од Риналдо Алесандрини. Навистина уживав да ја подготвувам музиката во ваква средина, барајќи го најдобриот начин да ја изразам музикалноста на кантататите на Хендл компонирани во Рим, вели Новеска.

Миланка од најрана возраст се занимава со пеење, а талентот го насочува кон класичната музика. По едукацијата во Македонија, магистерските студии и успешни настапи во Романија, таа се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на својот сопруг. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Во 2013 година ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што ја доделува градот Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука