Брисел, 1. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Европратениците на 27-ми февруари усвоија проширена листа на прекршоци и санкции. Новата Директива, договорена со Советот на 16-ти ноември 2023 година, беше усвоена со 499 гласови за, 100 против и 23 воздржани.
Истата содржи ажурирана листа на кривични дела, вклучувајќи илегална трговија со дрва, исцрпување на водните ресурси, сериозни прекршувања на законодавството на ЕУ за хемикалии и загадување предизвикано од бродови.
– Европратениците се погрижија новите правила да ги содржат т.н. квалификувани казни вклучувајќи затвор и парични казни. Еколошките криминали извршени од поединци и претставници на компании би се казнувале со затвор во зависност од тоа колку е долготрајна, тешка или реверзибилна штетата. Квалификуваните дела може да се казнуваат со осум години, оние кои предизвикуваат смрт на лице со десет години затвор, а другите дела со затвор до пет години. Од сите престапници ќе се бара да ја повратат уништената животната средина и да надоместат за тоа. Може да се соочат и со парични казни. За компаниите казните ќе достигнат 3 или 5% од нивниот годишен промет низ светот или алтернативно 24 или 40 милиони евра во зависност од природата на кривичното дело. Земјите членки ќе можат да одлучат дали ќе гонат кривични дела кои не се случиле на нивна територија, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.
Европратениците инсистираа на тоа дека на укажувачите кои известуваат за прекршоци за животната средина треба да им се обезбеди поддршка и помош во контекст на кривичната постапка. Европратениците, исто така, се погрижија Земјите членки да организираат специјализирана обука за полицајци, судии и обвинители, да подготват национални стратегии и да организираат кампањи за подигање на свеста за борба против еколошкиот криминал. Податоците собрани од владите на ЕУ за еколошки прекршоци треба да помогнат подобро да се реши ова прашање и Комисијата редовно да го ажурира списокот.
Директивата ќе стапи на сила на дваесеттиот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ. Земјите членки ќе имаат две години да ги пренесат правилата во нивните национални системи односно до 2026 година. Во Република Македонија ЕУ Директивата за еколошки криминал е транспонирана во националното законодавство околу 92%. Целосно транспонирање се очекува до 2030 година, а примената на новите кривични дела против животната средина од Кривичниот Законик започнува во март 2024 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес