Скопје/Струга, 2. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Две лица од Струга се дел од поголема криминална група која беше сузбиена денеска, при што се приведени 10 лица.
– Денеска, 2-ри март 2024 година, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, спроведе координирана полициска операција со цел сузбивање на организирана криминална група која делувала на неколку локации на територијата на Република Македонија. Групата била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана. Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата. Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели, информираат од МВР.
Додаваат дека приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. (Крај)
извор: МВР фото: архива