Избор Струга ТОП ВЕСТИ Хроника

Претрес во прилепскиот затвор, пронајдена дрога во просторија во која издржувало казна лице од струшкото село Ливада

Прилеп/Струга, 3. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 2-ри март 2024 година, врз основа на судска наредба, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Прилеп, СВР Битола во координација со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност извршиле претрес во просторија во Казнено-поправната установа Затвор Прилеп.

Исто така, со судска наредба полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при ОВР Прилеп, СВР Битола извршиле претрес и во викенд куќа во близина на Казнено-поправната установа Затвор Прилеп.

– При претрес во просторијата во затворот, каде што казна затвор издржувале 41-годишно лице од струшкото село Ливада и 34-годишен прилепчанец, биле пронајдени една ќеса и повеќе помали пакувања со марихуана, две дигитални ваги, пари во различни апоени и валути и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Дополнително, при претрес во викенд куќата, во сопственост на 77-годишно лице од Прилеп, која ја користел 47-годишен прилепчанец, а кој исто така, издржувал казна затвор во Затворот Прилеп, биле пронајдени и одземени две ќеси со марихуана и дигитална вага. Во врска со настанот бил приведен сопственикот на викенд куќата. Известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР. (Крај)

извор: МВР фото: pravda.gov.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука