News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
март 4, 2024

Охрид, 4. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

За Кољо Жиле и Боро Јанко

Еден муабет за Кољо и Боро шо ми го кажа денојве Крсте Алач кој бил другар со нив.

Кољо Жиле работаше во „Рибар“, а Боро Јанко беше шеф во „Галеб“. Некаде пред Нова година Кољо тргвит за Љубљана да го видит брат му Јоне кој бил офицер во Љубљана. Боро тогаш бил во Белград да учит вонредно Виша управна школа за да станит поголем шеф.

Кољо планират прво да ојт во Белград да го видит другар му Боро и плус да купит кондури за да имат нови за Љубљана. Тогаш Белград имаше од пиле млеко, поголем избор на све, поквалитетна роба.

Одет со Бора в продавница, одбират кондури и продавачката му ги пакуват. Арно ама, прет то Боро кој се знаел со продавачката, се договорил со нејзе да му клајт два леви кондури во кутијата. (секако за некој ден ќе се вратит Кољо назад да ги сменит и продавачката немат да имат проблем).

Така Кољо тргвит за Љубљана и таму ко ја отворат кутијата ги гледат двата леви кондури. Му текнало дека ова му го напрајл Боро, ама немат шо да прајт и ја шетал Љубљана со старите кондури.

Е сега требит да му вратит назад. Кољо работаше во дуќанот к’ј шо е сега „Минимаркет“ со татко ми Стефан, Славе Недан, Ѓоко Велјан, Родне, Славица, Весе. Идат Боро да пазарит ќе имат гости и го пушчила жена му Манда со список за купвење кафе, шеќер, масло и други работи. Тогаш кафето не беше паковано ко сега, туку се мелеше на машина какви имаше во секоја продавница и се клаваше во мали книжни кесина. Кољо се договарат со Стефана во кесето наместо кафе да му клает сољ. Му клавет сољ во кесето и Боро сјодвит за дома без кафе.

Имало ногу вакви работи, ама немало љутење меѓу луѓето…

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука