Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

По повод 8-ми Март, вечерва ќе се одржи настанот „Жени во фокусот“

Охрид, 7. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со цел да се покаже достојна почит и внимание кон сите жени во нашата заедница, по повод 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената, Општина Охрид заедно со Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените при Советот на Општина Охрид, оваа година за прв пат го организира настанот „Жени во фокусот“.

Во рамки на настанот ќе биде отворена изложба посветена на 12 жени кои својата животна и професионална приказна ја градат во нашиот град. Бројот 12 е избран како симбол на грижата и љубовта која треба да им се посветува на жените во текот на сите 12 месеци во годината.

– Преку оваа изложба на фотографии подготвени од младата фотографка Нина Ангелоска ќе бидат прикажани нашите драги сограѓанки: Поликсена Тунтева, Гордана Коњаноска, Мимоза Влаши – Хиса, Анета Јованоска, Наташа Неданоска, Весна Коцевска, Устијана Речкоска Шикоска, Весна Миленкоска, Маја Митреска Трајческа, Марта Пејоска, Алма Шемо и Христијана Парулеска. Секоја од овие дами си носи сопствена приказна која вредна за прикажување и вистинска инспирација за новите генерации, информираат организаторите.

Претходно, присутните ќе може да го проследат и музичкиот рецитал на уметниците Билјана Буџакоска – сопран и Ивона Базгалоска – пијано.

Настанот „Жени во фокусот“ ќе се одржи вечерва во концертната сала на ООМУ „Методи Патче“ со почеток во 19:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука