март 9, 2024

Охрид, 9. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Охрид Мол“ полека го добива финалниот изглед, по што Охрид и регионот се очекува да добијат современ шопинг центар.

Деновиве се работи на средување на внатрешниот и надворешниот дел, каде е асфалтиран делот за паркинг, но и пешачката патека и зелената зона по улицата „7-ми Ноември“, која комплетно се уредува, како дел од активностите на локалната самоуправа за комплетна санација на оваа улица.

Во последната информација од компанијата која го стопанисува објектот, наведоа дека, паралелно со активностите на терен, се преговара и со потенцијалните закупци и брендови кои во добар дел ќе бидат интернационални и за прв пат присутни во Охридскиот Регион.

Погледнете како треба да изгледа објектот во финална фаза:

Лоциран на одлична позиција и на доста фреквентна локација во непосредна близина на автобуската станица, „Охрид Мол“ ќе располага со површина од 17.000 м2. Засега имињата на потенцијалните закупци не се откриваат, но според наши информации охриѓани и сите посетители на градот за прв пат ќе имаат можност да уживаат во единствено шопинг искуство – и тоа не само за време на летната сезона во која градот има огромна посетеност, туку и преку целата година, со обезбедени услови за комфорно и пријатно искуство. Во рамките на трговскиот центар ќе има хипермаркет, игротека за деца, како и бројни продавници за облека. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука