Денешниот храм, посочува Цветковски, е изграден за само два месеци, во 1835 година, на местото каде имало многу помала црква.
– Додека траела градбата бил даван поткуп, големи материјални средства на турските власти во Струга, во Охрид, па дури и во Скадар како административен центар на овој дел од територијата на Османлиската империја. Тоа било голем предизвик и напор на нашите претци, кои ова го отпочнале во средината на 19 век, вели Цветковски.
Иконостас од мермер и дрвена резба
Интересен во оваа црква е иконостасот, кој е составен од два дела. Долниот е мермерен, парапетите се со убави мермерни плочи кои се резбани, а горниот дел е со убава дебарско мијачка резба – копаница, резбана од нашите најдобри копаничари на 19 век, дебарските мајстори.
– Иконостасот бил поставен 1849-та година, дрвениот резбан дел. Иконите се сликани 1850-1851 година, дело на зографи, припадници на Пелагониската зографска традиција, од работилницата во Магарево. Живописот ќе биде завршен 1874 година и тогаш е комплетирана целата декорација за внатрешното уредување на православните храмови. од поставување на иконостасот до поставување на иконите и фрескоживописот, раскажува историчарот на уметност.
Анализирајќи ги фазите на внатрешното уредување, вредноста на архитектурата и просторната концепција, црквата Свети Ѓорѓи, е силен објект од архитектонска гледна точка.
– Однадвор изгледа како базилика, но внатре има пет скриени куполи, просторот е многу расчленет и многу интересен. Тоа овозможило и внатре да се наслика голема, обемна и богата програма со извонредни иконографски решенија. Зографите – браќата Макариеви од Галичник, направиле вистинско ремек дело. Тоа е нивно најуспешно и најобемно сликано остварување, додава Цветковски.
Галерија со икони и дела од богатата културна историја во црквата „Свети Ѓорѓи“
Во 90-тите години од минатиот век, во кровот на црквата „Свети Ѓорѓи“ откриени се 50-тина икони, што било мотив да се оформи и галерија.
– Иконите беа пронајдени, скриени во кровот на црквата, потоа следеше нивна конзервација, чистење, реставрирање и во 2010 година оформивме галерија на икони каде баа изложени. Покрај најстарата на Свети Ѓорѓи од втората половина на 13 век, тука има икони од 15, 16 и 17 век. Во иконописот на Свети Ѓорѓи доминира поствизантискиот период, појаснува Цветковски.
Тоа, според него, се икони кои припаѓале на црквата „Свети Ѓорѓи“, но и икони кои се носени од струшките цркви, во периоди кога имало реална опасност од воени судири, кои до средината на 19 век постојано се одвивале на овие предели.
– Скриени во горните парти на црквата, било еден начин да се сочуваат тие икони, да се заштитат. Таа бројка од околу 50 вредни, значајни икони е дел од нашата уметност од пост византискиот период, вели Цветковски.
Дел од богатата културна историја во црквата Свети Ѓорѓи се и 10-тината ракописи од периодот на 15, 16 и 17-тиот век.
Годинава навршуваат 170 години од завршување на живописот внатре во црквата, а по повод јубилејот тимот на професорот Цветковски подготвува монографија, односно студија, која ќе ги содржи фазите на настанувањето на фрескоживописот, иконостасот, резбата на иконостасот, иконите, вредноста на архтектурата и просторната концепција на црквата. (Крај)
извор: МИА фото: МИА