Охрид, 11. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Moira е мала музичка оаза во морето исти и слични музички проекти кои доминираат на македонското музичко небо.
Станува збор за авторски мултимедијален проект на Јасна Трпкова и Дарко Јованов, започнат во мај 2023 година.
– Називот е поврзан со митолошкиот концепт за трите сестри наречници кои ја одредуваат судбината и должината на животот со пресекување на нишка. Таквиот симболизам игриво се провлекува низ текстот и спотот на Арома(н)тична – прва од низата песни кои следуваат, вели Јасна за Супер радио и OhridPress.
Додава дека видео записот за песната го креирале во stop motion (слика по слика) техника, што е макотрпен и долг процес на рачна изработка. Впечатоците од тоа создавање ги имаат документирано во книжулето „Зад К(л)опчето“ на поетски, криптичен и сликовит начин.
Moira имаат колажерски и еклектичен пристап во музиката, како што се забележува во „Арома(н)тична“ која е спој од џез, етно и трип хоп елементи со филмска, мистична и езотерична атмосфера. Слушателите велат дека ова е хипнотизирачка композиција која отвара портали кон магични светови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Марија Георгиева