Охрид, 14. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Се радувам што граѓаните ја препознаваат различноста на ЗНАМ и поддршката од ден на ден се’ повеќе се зголемува, порача синоќа од Охрид Максим Димитриевски, претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на отворањето на локалниот Изборен штаб.
– Ме радува што и во Охрид ве гледам во вака голем број на отворањето на просториите на ЗНАМ, кадешто вие граѓаните можете да дојдете и активно да се вклучите во движењето, да дадете придонес во промените кои доаѓаат во Македонија. Јас сакам Македонија да биде управувана од владата, но контролирана од претседателот на државата. Тоа е мојата цел. Мојот долг како претседател, ќе биде долг единствено кон обичниот граѓанин и кон сите оние коишто застанале зад мојата кандидатура, рече Димитриевски, кој е и кандидат на ЗНАМ за Претседател на Република Македонија.
Тој посочи дека оваа позитивна енергија ќе придонесе нештата во Македонија да се сменат и после изборите никогаш да не се исти.
– Сакаме власта преку ЗНАМ да ја вратиме во рацете на граѓаните и да бидеме вистински претставници на нивните интереси. Само така Македонија ќе може да излезе од оваа состојба на тонење и разградување, кое трае речиси 30 години. Време е да се обединиме и сите заедно да обезбедиме подобра иднина за идните генерации, рече Димитриевски пред членовите и симпатизерите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во Охрид. (Крај)
извор: МИА фото: ЗНАМ