Охрид, 14. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
За зимското корзо
Понекогаш ако не врнит ќе излезам навечер по чаршија да прошетам, гледам чаршијава празна, по дуќаните(сега ги викаме бутици) не влегвит никој. Имат малку народ во кафанчинава после чинарот ама све некако ми стојт тажно, испустено, немат џагор, тие шо се нашле по чаршија некаде брзет или влегвет, излегвет од кладилниците.
Ми теквит како беше некогаш по корзото.
„Зимското“ корзо почвеше од плоштадот и крајот беше к’ј чинарот. Тогаш името на корзото односно улицата се викаше „Моша Пијаде“. За „летното“ корзо кое беше од плоштадот кун езеро во друга прилика. По корзото се одеше во две редици, строго од десна страна. К’ј чинарот се вртеше назад, а понекогаш кругот завршвеше к’ј скаличината. Не знам колку круга се праеја, ама сигурно не беја под десет круга во една вечер. Покрај тие шо шетаја на појќе места имаше групи на тајфи, другари шо стоеја на едно место и ги гледаја тие шо шетет. Ние со другариве се беревме покрај берберницата „Нов живот“. Каков и да ти е планот за вечерта, ќе дојш тука, ќе се најавиш и после останвиш или ојш на друго место. Се знаеше која тајфа, група к’ј застанвит. Сите градски мангупи, фраери, боеми мораја да излезет на корзо и знаевме кого к’ј можит да го видиме.
На корзо почнавме да ојме во последните години од учејнето во гимназија. После то, откако заминавме на студии на корзо одевме во петок или с’бота ко ќе си дојдевме во Охрид. Обично корзото почвеше околу шес и пол. Тогаш завршвеја часојте нашкола и главно момичината пред да си одет дома ќе свртеја еден круг со ташните по корзо за да бидет видени и да ги видиме. Обично завршвеше околу осум, осум и пол вечерта. Имаше професори, чаршиски луѓе кои излегвеја чаршија и не беше ногу пожелно да те видет на корзо да сејш подоцна. Во недела на корзо не излегвевме зато шо то беше ден кога излегвеја војници, а понеделник беше кај појќето ден за одејне на кино зато шо во понеделник ги менвеја филмојте и почвеше да се дават нов филм на кино.
На корзото имаше ногу дуќанчина, фирми за разни работи. Сме ги спомнале и порано. Овде ќе ја спомнам берберницата од Раиф од Карабегомала к’де на радиото се слушаше пренос од некој фудбалски натпревар. Ќе ја спомнам и слаткарницата „Корзо“ каде се праеја убај бози, лимонади, салеп, слатки… Ако заврнеше одевме во старата НАМА и главно таму се вртевме околу штандот со плочи. Ќе ви текнит на времето пред да купиш плоча, продавачот ќе ти ја пушчеше на грамофон да ја слушниш пред да ја купиш и така и ние слушавме музика.
Едно време околу осумдесеттите години милицијава забрани да се стојт во групи на корзово и сите моравме да шетаме, но ова траеше само неколку месеци.
Корзото беше прилика момичињава да се дотерет во поново. По корзото се разбираја сите новости во градот. Тука прв пат ќе видевме кој со која трнал или ко шо велевме која женска ја фатил. Сите тазе залубени мораја да поминет низ корзото за да ги видиме. Тие шо немаја дечковци шетаја по три, четири во група и така знаевме кои се слободни. Имавме другари кои ги викавме „таксисти“. Тие шом видеја неколку момичина сами ќе им се пушчеја да се придружет и да свртет некој круг заедно. Заевме дека таквите не се „опасни“ за женските зато шо другата вечер праеја круг со други момичина.
Ногу бракој се родија од ова корзо. Иако сме во години сите памтиме кој беја најубајте момичиња и девојки од то време. Сега сите тие се околу шеесет, седумдесет години, некој побелени во косите појќето со некое кило појќе, ама ушче ги имаме сликите за нив во нас од то време.
Од то време денеска мојт да се видит нешчо во Битола, таму ушче се почитуват традицијата на шетајне по корзо дури и преку ден.
Имат и други приказни за корзото, ама оставам нешчо и вие да кажите…
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината