март 14, 2024

Охрид, 14. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Продолжи санирањето на сидриштето за пловила пред Центарот за обука на вода на АРМ во Охрид, откако за тоа беа добиени сите позитивни мислења од надлежните институции дека зафатот нема негативно влијание врз животната средина.

За време на неодамнешната посета на Центарот, министерката за одбрана во Владата на Република Македонија, Славјанка Петровска појасни дека сидриштето што се користи за пловила на Министерството и на други субјекти, се очекува да биде готово за 45 дена, согласно договорот склучен со изведувачот.

– По увид во состојбата од пред повеќе од година дена констатирано е дека сидриштето е во мошне лоша состојба, а употреба во таква состојба претставува опасност по сите што го користат. Поради тоа Министерството на одбрана спроведе јавна набавка за реконструкција на сидриштето, избран е најдобриот понудувач, но поради забелешки од страна на невладина организација дека реконструкцијата неповолно ќе влијае врз животната средина и еко-системот на Студенишкото блато каде се наоѓа и самиот Центар за обука на вода на АРМ, по што реконструкцијата беше стопирана, истакна неодамна Петровска.


Таа додаде дека се обратиле до Министерството за животна средина, до Управата за заштита на културните споменици и УНЕСКО, кои по увидот во документација и елаборатот за заштита на животна средина, констатирале дека нема опасност по животната средина и добиле дозвола да продолжат со реконтрукцијата.

Според Петровска, проектот ќе биде реализиран во предвидениот рок. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука