Охрид, 17. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид видекндов беше домаќин на интердисциплинарна студентска конференција со работилници и предавања во разни области, која се одржа во организација на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ).
На конференцијата се одржаа работилници на теми како финансиска едукација, аспекти на урбано планирање, музикотерапија, јавно говорење, унапредување на кариерни вештини. На дводневната студентска конференција, главната улога ја имаа токму студентите, движечката сила на општеството, а овој интердисциплинарен настан е наменет за вмрежување на учесниците, откривање нови можности, соработка и знаења.
– Конференцијата е потсетување дека професорите, семејството, креаторите на политики на национално и локално ниво треба да го направат максимумот за да овозможат оваа младешка енергија да се насочува и да се искористи на најдобар можен начин, за општо добро на студентите, на локалната средина, меѓутоа и централната, и во крајна инстанца, за доброто на Македонија воопшто. Од фокусот на вниманието никогаш не смее да исчезнат студентските барања секако доколку се за општ развој и добро на сите нас. Секој студентски протест, митинг, движење оставал белег и се вмрежувал во општествениот систем. За растот на секоја држава е неопходно луѓето да бидат заинтересирани, да бидат информирани и да бидат активни во врска со општествените прашања. Студентите се особено важна група која може да биде клучен катализатор на општествени промени. Затоа и настани од ваков тип секогаш ќе бидат поддржувани од наша страна. Слободното време искористете го за да прошетате низ убавините на нашиот Охрид. Нурнете во неговото минато, прошетајте низ царска Македонија посетувајќи ги Самуиловите тврдини, па потоа слезете на Античкиот театар или вратете се во уште подамнешно време посетувајќи ја наколната населба кај Градиште. Секако посетете барем дел од бројните цркви и манастири кои ги има речиси на секој агол во старото градско јадро. Дишете чист воздух крај езерскиот брег, а во вечерните часови посетете некој од бројните локали долж охридската ривиера, порача во обраќањето пред студентите заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
На Конференцијата се одржаа две панел дискусии – „Потрага по повисоките вредности во современиот свет“ и „The New AI World“. Завршува со работа денеска, а настаните се одржаа во ресортот „Метропол“ и Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива