Избор Охрид Охрид некогаш Празници ТОП ВЕСТИ

Охрид некогаш: За Поклади беше адет машките да се облекуваат во женска, а женските во машка носија

Охрид, 17. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – За празникот Поклади беше адет машките да се облекуваат во женска носија, додека пак женските во машка носија, објави во популарната Facebook група Крст Џамија 0 Нашата маала администраторот Љупчо Паункоски.

– На првата фотографија сум јас пред околу 60 години сликан во Збашка селска носија. На втората во средината во селска носија сум јас, лево е мојата сестра Вера, а десно мојата братучеда Олга, облечени во градска машка носија. На третата во ‘Ржанска селска носија е татко ми Станко, снимен некаде околу 192 и некоја година, пишува Паункоски.

Денеска за припадниците на православната вероисповед се Велики Поклади, а од утре започнуваат Велигденските пости. Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.

Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.

Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн.

Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.

Повеќе за обичаите за Прочка ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука