Струга, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Во соопштението се наведува дека „обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31.01.2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот“.
Од Обвинителство нагласуваат дека „така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и’ се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси“. (Крај)
извор: Фокус фото: архива