Охрид, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вчера од страна на ЈП „Градски гробишта“ Охрид до ОЈО и СВР Охрид поднесена е кривична пријава против поранешниот директор на ова претпријатие, Ванчо Костоски, поради основано сомнение дека сторил злоупотреба на службената положба и овластување, информира на денешната прес конференција потпретседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ Охрид, Александар Китески.
Костоски како директор на ова претпријатие во повеќе наврати со склучување на договори за давање на 8 гробни места под старателство со ТД „Ивире“ дооел од Лексоец во 2019 година овозможил да стекне противправна имотна корист на друштвото, притоа нанесувајќи штета на претпријатието со кое раководел, рече Китески.
– Со ова му се пружила можност на ТД „Ивире“ истите да ги препродава односно да ги отстапува за финансиски надомест, кој согалсно сознанијата што ги имаме е многу повисок од оној по која цена стопанисува ЈП „Градски гробишта“, а истовремено овозможено му е на правното лице „Ивире“ и да ги подарува истите, секако како би се избегнале било какви трансакции согласно Законот за платен промет. Согласно Законот за гробишта и погребални услуги ваквото постапување на пријавениот е недозволено и поради фактот што законот јасно укажува и утврдува дека гробно место може да се пренесе во старателство во оној момент кога на странката ќе и треба, односно во оној момент кога ќе настапи смртен случај, изјави Китески.
За овие незаконски дејствија постои документација и очекуваат во најското време да биде постапено по истата.
– Покрај ОЈО Охрид го повикуваме и началникот на економски криминал во СВР Охрид Сашо Јанкоски кој незаконски е поставен на тоа место, без да ги исполнува условите предвидени за началник во законот за внатрешни работи, наместо да се занимава со правење измислени оперативни извештаи, лично да ја земе и сработи оваа кривична пријава.
Ги повикувам и инспекторите од одделението за економски криминал во СВР Охрид да не подлегнуваат на притисокот на криминално поставениот началник и да не се потпишуваат на неосновани кривични пријави само со цел да се наштети на лица кои не се дел од криминалната структура на СДС, затоа што за секоја неоснована пријава поднесена од криминално поставениот началник ќе дојде време за одговорност. Време е во Макеоднија да завладее правдата и правото, а со тоа на пријавениот да му биде изречена казна според законот. Ова нека само почеток на тоа што следува затоа што не е единствен случај, рече Китески, додавајќи дека наредните денови од ЈП „Градски гробишта“ против Ванчо Костоски ќе бидат поднесени нови кривични пријави за сторена злоупотреба на службена положба и овластување.
Запрашан зошто се чекало за поднесување на кривичната пријава, Китески одговори дека со оглед на тоа што началникот на еконосмки криминал бил поставен без да исполнува услови за тоа место, се чекало да дојде до промена на министерот за внатрешни работи, да има промена и во СВР Охрид па да ги поднесат таквите кривични пријави, бидејќи се сомневале дека доколку бидат претходно поднесени ќе останат некаде во фиока. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес