Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Меѓународен ден на среќата

Охрид, 20. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Меѓународниот ден на среќата, востановен од Генералното собрание на ОН на 12-ти јули 2012 година и има за цел да ја препознае важноста на среќата и благосостојбата како универзален стремеж на човештвото.

На овој ден ширум светот се организираат различни настани, активности и иницијативи за промовирање на среќата, радоста и позитивноста. Целта е да се подигне свеста кај поединците, заедниците и владите за важноста на среќата во секојдневниот живот.

Меѓународниот ден на среќата се одбележува и со објавувањето на Извештајот за среќата во светот на ОН, кој дава податоци за среќата ширум светот и ги истражува факторите кои придонесуваат за благосостојба.

Според анкетите, формулата за среќа ги комбинира активностите на отворено, контактот со природата и меѓучовечката комуникација. Во резолуцијата на Генералното собрание на ОН усвоена во 2012 година, се наведува дека потрагата по среќа е основната цел на човештвото.

– ОН ја препознаваат среќата и благосостојбата како универзална аспирација и веруваат дека среќата треба да се смета и како политичка цел. Меѓународниот ден на среќата има за цел да ги освести луѓето ширум светот за важноста на среќата во нивните животи, се наведува во резолуцијата.

Во 2015 година, ОН започнаа 17 цели за одржлив развој за да ги направат животите на луѓето посреќни. Нејзини главни развојни цели се искоренување на сиромаштијата, намалување на нееднаквоста и заштита на планетата.

Во еден од извештаите на ОН за среќа, населението е покането да ја сподели среќата со пријателите и семејството, да изрази благодарност, да ги направи другите среќни и исполнети во животот, се со цел тоа да стане секојдневна навика за сите. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука