Струга, 21. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Францускиот поет, есеист, прозаист и драмски автор Жан-Пјер Симеон е годинешен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП).
Наградата ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 22-ри до 26-ти август 2024 година.
Поетот, драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.
Жан-Пјер Симеон предавал на Институтот за универзитетско образование на учители во Оверњ, на Високата национална школа за уметности и техники на театарот, како и на Париската школа за политички науки. Неговите збирки поезија се објавени во издавачките куќи Шејн (Cheyne éditeur) и Галимар (Gallimard), а неговите театарски пиеси се во издание на Солитер ентампестиф (Solitaires Intempestifs).
За свето поетско творештво, Жан-Пјер Симеон е добитник на многу награди меѓу кои: наградата Морис Сев во 1981 година, наградата Антонен Арто во 1984 година, наградата Аполинер во 1994 година, наградата Макс Жакоб во 2006 година, меѓународната награда Лучијан Блага во Романија, Големата награда на Мон Сен Мишел за целокупното свое творештво, Меѓународната награда за современа поезија (International Contemporary poetry award) во Кина во 2021 година, Големата награда за поезија на Француската академија во 2022 година. Одликуван е со орденот Командант од редот на уметности и литература.
Поезијата на Жан Пјер Симеон е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Човекот во срцето на светот“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2010 година во препев на Јордан Плевнеш.
Германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“ е добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024, која СВП во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива