Охрид, 22. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на Обединетите нации, денеска се одбележува Светскиот ден на водите.
Денеска, уште еднаш се поставува прашањето дали го чуваме доволно нашиот езерски бисер, древното Охридско Езеро, за кое некогаш дозволуваме да има третман како обична вештачка акумулација. Загадувањето се’ уште е на превисоко ниво, а односот кон живиот свет во него е најблаго кажано алармантен. За проблемот да биде поголем, езерото е поделено помеѓу две држави, секоја со своја регулатива и однос кон него.
За да може да се справи општеството со кризата за вода и да го овозможи правото на вода, Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење.
Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и здравјето на целиот жив свет.
Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена.
Експертите алармираат дека до средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг на вода бидејќи бројот на жители на Земјата расте, а водените ресурси се намалуваат. Помалку од 1% од водата на земјата е употреблива за пиење. Како што расте бројот на населението во светот, се зголемуваат и потребите од вода за пиење.
До 2025 година две третини од човештвото ќе почувствува сериозен недостиг на вода, предупредуваат експертите од Обединетите Нации. Според најцрните прогнози се приближуваме до периодот кога ќе се војува поради питка вода бидејќи дури над една милијарда луѓе нема пристап до здрава вода за пиење, 2.5 милијарди немаат соодветен водовод и канализација, а секоја година поради недостиг на вода умираат 1,6 милиони луѓе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес