Избор Општина Дебрца Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Преку Центарот за развој лани инвестирани околу 64 милиони денари во општините од Југозападниот плански регион

Охрид, 22. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Центарот за развој на Југозападниот плански регион мината година ја заврши успешно, при што најголемиот дел од планираните активности целосно се реализирани, беше потенцирано на 11-та седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион.

Во деветте општини што му припаѓаат на регионот (Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Кичево, Македонски Брод, Пласница и Центар Жупа) инвестирани се околу 64 милиони денари во капитални објекти од патната инфраструктура, подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти преку нивна реконструкција, како и искористување на обновливи извори на енергија со поставување, пред сѐ, на фото-напонски централи.

– Согласно резултатите остварени се приходи од околу 104 милиони денари, од домашни, но и меѓународни донатори. Со овие средства во општините од регионот реализирани се вкупно 46 активности со трите стратешки цели од програмата за развој на регионот. Значаен дел од финансиски средства од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, наменети се за подобрување на услугите за пациентите и условите за работа на персоналот во три капитални здравствени установи од регионов – Болницата за нефрологија во Струга, Болницата за ортопедија „Св. Еразмо“ во Охрид и Болницата за кардиолошки заболувања „Св. Стефан“ во Охрид. Активностите во овие установи течат. Значајно е да се напомене дека во трите од нив се инвестираат околу над 44 милиони денари, информираат од центарот.

На седницата на Советот бил разгледан и усвоен и Акцискиот план за работа на Центарот во тековната година. Потенцирано е дека тежиштето ќе биде ставено на завршување на активностите во трите здравствени установи.

Покрај тоа, започната е и реализацијата на три регионални проекти одобрени преку Бирото за регионален развој со вкупна вредност од 64 милиони денари. Од центарот информираат дека активностите ќе се одвиваат низ цел регион на вкупно 7 локации и 16 објекти. Истите се насочени кон подобрување на патната инфраструктура и зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти преку нивна реконструкција и искористување на обновливи извори на енергија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука