март 27, 2024

Охрид, 27. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува Светскиот ден на театарот, 27-ми март.

 Возобновувањето на театарскиот живот во Охрид има историска димензија, не само за охриѓани и за тимот актери туку и за љубителите на театарот. Огромно е задоволството да се застане на штиците што живот значат.

Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“, Народниот театар Охрид опстојува од 2011 година, по долгогодишни иницијативи во Охрид да се возобнови професионалниот театар. Охриѓани со радост се сеќаваат на премиерите на охридскиот градски театар, во 50-те години на минатиот век кога актерската екипа од 15 млади луѓе со голем ентузијазам и елан внесувале нов дух во градот.

Во текот на изминативе 13 години се продуцирани бројни премиери и гостувања на повеќе фестивали. Прва беше „Метаморфози“ во режија на Андреј Цветаноски.

По повод светскиот ден на театарот, вечерва од 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Народниот театар Охрид, повторно ќе ја изведе претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Изведбата ќе биде бесплатна за публиката, а почетокот е во 20:00 часот. Ова е претстава за културолошкиот и социолошки идентитет на човекот, претстава за глобализацијата и традицијата, како и за ефектите од нив врз целокупното општествено живеење. Комедија, што преминува во гротеска и иронија и што прави детална и болна дисекција на нашата целокупна колективна свест.

Играат: Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Павел Маслов, Филип Кипровски, Никола Тодороски и Ивица Цонев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука