Охрид, 27. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и неговиот тим оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија која беше составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и Националниот координативен тим од Македонија.
– Во моето излагање ја потенцирав силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион. Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО, информира Пецаков.
Во септември минатата година добивме извештај дека го задржуваме статусит и дека охридскиот регион останува на листата на заштитени добра на УНЕСКО, меѓутоа следеа неколку чекори кои ние мораше да ги направиме, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
– Првата беше да поднесеме нов ревидиран план за заштита на охридскиот регион, што тоа ние го направивме. Второто беше да донесеме нови измени во законот за заштитување и управување на старото градско јадро на Охрид, и тоа го направивме и тоа е веќе во Собраниска процедура, вели Костадиновска Стојчевска.
Министерката посочи дека станува збор за сложен процес, но и за пополнување на одредени празнини што се случувале оод 2010 до 2018 година.
– Оваа мисија или еден дел е нешто што секоја земја која е на таа листа на која што се гледа дека се бори со одредени по тешкотии и проблеми. Таа мисија доаѓа и ги посетува сите засегнати места особено во овој случај охридскиот регион. Прави извештај и ние после тој извештај треба да реагираме односно сите засегнати страни мора да ги известиме дека треба да исполнат одредени очекувања или задачи. Точно е дека ова е сложен процес во кое не е само министерството за култура, туку министерството за просторно планирање, тука се вклучени и општините, тука се вклучени и институциите кои се занимаваат не само од областа на заштита на културно наследство туку и од областа за заштита на животна средина. И најголемиот проблем кој што беше наследен е од донесувањето на првиот закон за прогласување на охридското старо јадро за заштитено од 2010 година комисијата која требаше да одлучува по однос на предмет и беше тангирана во 2018-2019 година. Што значи дека тој вакуум од 9 години беше навистина многу долг и во тој период се донесоа многу закони кои воопшто не се консултирани со законите кои што владеат во охридскиот регион. Полека, полека тие закони ги усогласуваме што не е лесен процес но имаме некој напредок, посочи Костадиновска Стојчевска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива