Скопје, 28. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Освојува медали по математика, игра шах, а нашол време и да напише цел научен труд од областа на астрономијата. За малиот генијалец Македон, ништо не е тешко. Тој се пофали дека ја напишал својата прва научна книга во која детално го опишува универзумот и неговото создавање.
Малиот генијалец од Тетово, Македон Димитровски, се пофали со својата прва научна книга објавена на англиски јазик, која е насловена: „Вселената: Од атоми до универзумот“ (Space: From Atoms to the Universe).
Во книгата Македон зборува за вселената и за планетите, ѕвездите и галаксиите.
– Оваа книга е напишана на англиски јазик и ја направив за да можат другите да научат за вселената и за да можат повеќе да се заинтересираат на оваа тема, за во иднина да имаме повеќе научници, што ќе сакаат да истражуваат и да учат, вели малиот генијалец.
Тој појаснува дека неговата книга се состои од 19 поглавја, од кои секое се занимава со посебен вид вселенски објекти.
„- Во првото поглавје се зборува за субатомски честички, најмалите делови во вселената. Второто поглавје зборува за електрони, неутрони, протони, атомски јадра и атоми како основни елементи за изградба на универзумот, појаснува Македон.
Неговата книга зборува за галаксиите, црните дупки, кометите, џуџестите планети, за гасовитите џинови, за големите планети… Сѐ на сѐ Македон направил едно сеопфатно истражување, а на неговото знаење може да завидат и голем број интелектуалци.
Тој нагласува дека иако ја напишал книгата на англиски јазик, во иднина планира да ја преведе и на македонски со цел што е можно повеќе луѓе да можат да ја прочитаат.
За потсетување, Македон Димитровски има 9 години и поседува неверојатен талент за математика и природни науки. Македонската јавност слушна за него кога тој имаше само седум години, а веќе зборуваше повеќе странски јазици и решаваше математички задачи наменети за средношколци. (Крај)
извор: Црно бело фото: архива