Охрид, 31. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро е на два сантиметри над просекот за овој период од годината.
Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водостојот е на кота од 693,51 м.н.в што е за 2 сантиметри над просекот за март (693,49 м.н.в) и за 41 сантиметар над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на водата е 9,5 степени, за речиси два степени повисока од вообичаената за овој период од годината.
Од почетокот на месецов водостојот е покачен за 11 сантиметри, а само последнава недела се бележи раст од 4 сантиметри.
Во Охрид денес сончево време со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе се искачи до 23. степени.
– Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност. Зголемена облачноста со услови за слаб локален дожд ќе има во вторник претпладне и слабо опаѓање на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР