Охрид, 2. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Шо е коркут (коркутница) и како се прајт?
Одамна немам слушнато еден муабет, збор шо го велеја старите: Тој (таја) е дете од стара мајка. Муабетов беше за млади луѓе шо поштоваја постари, шо растеле во обични, чесни фамили, шо знаеја обичаи, редој, адети, шо дома поможвеја на постарите, шо слушаја постари и такви млади не мојт да фатет лош п’т во животот.
Е сега барам помош од нив, а имат во групава:
Шо е коркут (коркутница) и како се прајт. Нашиве мајки и баби го праеја за време на постиве пред Велигден. Ми се чинит дека и сега го прает понекој и то во Охрид, Струга, можда и во Ресен. Во другиве градој непара знает шо е то. Дајте напишите и после ко ќе пробет и другите ќе се чудет како ние во Охрид сме биле отсекогаш пред времево.
Зборов ми е за модерниве млади кои јадет хумус, се на кето диета, се вегани и не знам ушче шо не ќе измислет.
објавил Ѓорги Љатко
Во коментарите, членот на групата Biljana Antonova го објави рецептот за тоа како се прави коркут:
Се варет 4 до 5 суви пиперки, убо да омекнет. Во водата се додават ситно сецкан праз, и еден финџал ориз. Оризот да се сварит. Пиперките се жулет со две три лајци брашно. Се туриват полека во водата шо варит да не се згрутчвит. На крај се додавет зачини по желба црн бибер обавезно. Вегета, сол и многу македан (магдонос).
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината