Струга, 4. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дискусија на тема аутизам ќе се одржи денеска од 17:30 часот во Europe House Струга.
Колку е значајна раната стимулација во првите години од развојот на детето и кои се главните предизвици и тешкотии со кои се соочуваат родителите и стручните лица кога станува збор за аутизмот се само дел од прашањата на кои ќе дискутираат специјалисти од различни области кои теоретски и практично се занимаваат со раниот развој и раната интервенција кај децата.
– За рана стимулација на говорот и важноста на мултидисциплинарниот пристап кај лицата со аутизам ќе зборува клинички логопед специјалист Ангела Апостолоска, за раните знаци на аутизмот д-р Марина Бојческа, специјалист по спортска медицина, доктор по општа медицина (матичен лекар). За влијанието на технологијата врз раниот раст и развој кај децата ќе зборува Арбреша Корча, клинички и развоен психолог. Дијагностика и фармакотерапија кај лица со аутизам е тема на д-р. Ксенија Мајсторовиќ, невролог. За улогата на семејството во раната интервенција – поддршка на родителите ќе зборува Гордана Грческа Балоска – психолог и претставник на здружение за лица со посебни потреби CEDK, додека за аутизам во семејството ќе говори родител на дете со аутизам, информираат организаторите.
Модератор на дискусијата ќе биде Марија Мечкароска, студент по специјална едукација и рехабилитација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива