Охрид, 7. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, 7-ми април, во далечната 1999 година, кај Горно Блаце, Скопска Црна Гора беше убиен војникот Благојче Крстаноски.
Крстаноски, роден во охридското село Ливоишта на 29-ти март 1974 година беше македонски бранител и професионален војник во АРМ.
Загина на самата граница од снајперски оган. Благојче беше првата жртва на вооружените сили во независна Република Македонија, војник кој до последниот момент чесно и пожртвувано ја извршуваше својата должност во одбрана на татковината.
Благојче Крстаноски е посмртно одликуван со медалот за храброста од претседателите Борис Трајковски и Ѓорге Иванов.
По повод 25-годишнината од неговото загинување, во селото Ливоишта, денеска со почеток во 10:00 часот ќе се положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Благојче, по што од 11:00 часот ќе се отслужи панихида на неговото вечно почивалиште. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива