ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Видри во каналот „Студенчишта“ (Видео)

Охрид, 7. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Енес Рифат, синоќа во каналот „Студенчишта“ успеа да направи снимка од видрите во Охридското Езеро.

Станува збор за вешти пливачи кои можат во вода да издржат многу долго време, а за ловење се служат со нивните остри и силни заби.

Видрата населува разновидни природни и вештачки водни живеалишта, како езера, акумулации, реки, бари, блата, мочуришта, рибници и канали. Во голема мера зависат од присуството на рипариска вегетација и достапноста на места за правење дувла, како дупки по речниот брег или пукнатини во пенушки, карпи, итн. Видот е најактивен во тесен појас по крајбрежјето, но може да се сретне и на 1 километар од водната маса. Видрата е самотно и мошне територијално животно, чија територија може да се протега и по неколку километри, зависно од достапноста на плен. Има разнообразна исхрана, која е сочинета од риби (околу 80%), мали цицачи, птици, водоземци, ракови, полжави, змии и инсекти.

Видрата е широкораспространет вид низ Европа, многу делови од Азија и некои делови од Северна Африка. За многу делови од нејзиниот географски опсег состојбата на зачуваност на популацијата е непозната, но видот се смета за близу загрозен на глобално ниво поради тековниот пад на бројноста на популацијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Енес Рифат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука