април 8, 2024

Охрид, 8. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во ноќните часови од страна на непознат сторител е подметнат пожар на депонијата „Буково“, информираат од ЈП „Охридски комуналец“.

Нивни екипи веднаш излегле на терен и ги презеле неопходните мерки за локализирање и гаснење на истиот.

– Во гаснењето на пожарот се вклучија екипите на ТППЕ од Охрид, а со специјална механизација опожарениот дел од депонијата ќе се покрива со големи количини земја. „Охридски Комуналец” веднаш го извести и СВР Охрид за поднесување пријава за подметнат пожар од непознат сторител, информираат од претпријатието.

Депонијата „Буково“ е долгогодишен проблем. Сите одговорни, како единствено решение ја посочуваат регионалната депонија во општина Новаци, од каде минатото лето побараа изградба на нов обрач за да не поминуваат камиони со отпад од другите градови низ населените места во Новаци. По јавната расправа одржана на почетокот на ноември минатата година во Општина Новаци, очекувањата се во текот на оваа година ќе биде објавен и тендерот за градба. Ќе се избере изведувач и ќе почне да се гради, а според планот до крајот на 2026 и почетокот на 2027 година да биде завршена оваа активност.

Депонијата во Новаци е дамнешно ветување кое треба да стави ред во оваа област во Охрид, Струга, Кичево и Битола, каде во моментов има бројни диви депонии каде се одложува ѓубрето. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука