News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
април 10, 2024

Охрид, 10. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.

Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.

На Бајрам за пријателот од детството, Себуш

Денеска е Бајрам и ми текна за еден пријател од детството Себуш. Беше поголем од мене, но то не беше пречка да сме блиски. Живееше со брат му Ислам и мајка му во една мала куќа Намазија после ПТТ. Татко му Ејуп беше низок чоек, беше рибар, носеше сина беретка. Тој почина млад и децава сами се пробиваја низ животов. Со Себуш и Ислам се знаевме од порано, кога татко му идаше к’ј нас на грозребрање во Горица и ги носеше децава.

Ко потпораснавме за средна школа се беревме чаршија к’ј берберницата „Нов живот“ над паркот од поштава на местово к’ј шо сега почвит Амамон. Тука идаја и од тајфата шо живееја ПТТ како Себуш, Ислам, Љупчо, Мише, Пере, Стефчо, Лазе…

Себуш работаше во сервисов од „Галеб“. Беше голем љубител на фудбал и ги сакаше јужно американскиве екипи посебно Бразил. На светски првенства навиваше за Перу (ако беја тие таму) зато шо во Перу била рибарска земја а Себуш во слободно време одеше на риби како и секој жо живит покрај езеро.

То време ко ќе имаше фудбал на телевизија се беревме по куќи да гледаме зато шо беше поинтересно да гледаш заедно, да навиваш секој за својата екипа, да се расправаш. Ко ќе одевме к’ј Себуша седвевме на душеме, околу џиздојте беа клаени перници и во одајчето бевме наредени како на кино, некогаш и по десет петнаесет души. Памтам од то време, мајка му на сите деца ни вареше чај, и тој чај имаше посебен мирис и вкус.

Себуш имаше обичај да не’ земат некој од помладиве со него на блинкер во недела или празник ко ќе беше пушчен риболовот. Овде памтам некој моменти од тогаш.

На блинкер се тргвеше по темница околу три сатот сабајле. Тогаш со една дневна дозвола смееше да фатиш по четири парчина риба. Ние до седум сатот фативме осум парчина риба со двете дозволи, колку шо беше дозволено. Се врашчаме назад, ги оставаме рибите, мајка му ги зеде и пак влегвиме в ејзеро. Ко шо се врашчаме, фативме ушче по некоја риба. Себуш ги фрлаше назад в ејзеро рибиве зато шо ни беше страв од колџите и полицијата дан не’ фатет со појќе риби од шо е дозволено. При второто влегвење не фативме ниедна риба.

Друг п’т како шо весламе оддалеку ги гледаме Борис и Владо Лулковци од Месокастро, татко и син. Борис го памтите беше крупен чоек, работаше ко курир в општина и зима лето одеше со куси р’кај. Син му Владо работаше со Себуша во „Галеб“.

Владо не’ виде и викат од далеку:

– Ага, идајте на една ракија да ви трнит денов (Тие двајца од сабајле веќе имаја трнато по некоја појке од шо требит).

Себуш ми велит: Ѓоко веслај на друга стрна, зато шо ако ојме кун нив ќе ги исплеткаме конциве и ќе ни пропаднит денов, нишчо не ќе фатиме.

Себуш ко почина, немаше ни шеесет години. Децата (Џингис и Фарко) ја продадоја куќата, се преселија еден во Турција а другиот во Струга. Тука се напрај голема куќа со ресторан во долниот дел. Едно време ресторанот се викаше „Опера“, сега имат друго име, го држет Холанѓани, м’ж и жена.

Честит празник на сите пријатели кој денеска го славет Бајрам!

објавил Ѓорги Љатко

Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Муабети од Охрид и околината

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука