Скопје, 3. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 3-ти мај 1945 година, Народната влада на тогашна Федеративна Македонија донесе решение за утврдување на македонската азбука која има 31 буква.
Министерскиот совет на НР Македонија, по повеќемесечна работа на неколку комисии, врз основа на Резолуцијата на последната Комисија за јазик и правопис при Министерството за народна просвета, во состав: Венко Марковски, поет; Васил Иљоски, директор на гимназија; Мирко Павловски, професор; Блаже Конески, лектор; Круме Тошев, шеф на стручните школи; Иван Мазов, уредник на „Млад борец“; Густав Влахов, публицист; Владо Малески, директор на радио Скопје; Киро Х. Василев, публицист и капетан Илија Топаловски, началник на пропагандното одделение на Главниот штаб, го усвои нејзиниот графемски состав.
Македонската азбука е заснована врз фонетскиот принцип, што значи за секој одделен глас во јазикот има буква во азбуката.
Азбуката првпат била отпечатена во весникот „Нова Македонија“ број 104 од 4, 5, 6 и 7 мај 1945 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива